Македонија
14. March 2017 - 9:59

Кавадарци ќе субвенционира подобрување на енергетската ефикасност во станбени згради

Општина Кавадарци објави јавен повик за прибирање барања за остварување на правото за реконструкција на станбени згради за подобрување на енергетската ефикасност во колективното домување во општината, информираат од кавадаречката локална самоуправа.

- Проектот опфаќа поддршка во поставување на термоизолациски фасади и покривни конструкции на станбените згради за колективно домување во насока на подобрување на животниот стандард на семејствата со ниски примања кои живеат во згради за колективно домување, како и за подобрување на енергетската ефикасност и заштеда на енергијата, нагласија од општината.

Оттаму појаснија дека средствата во висина од 25 отсто од вкупниот износ за секоја одобрена апликација, ќе бидат доделени во форма на субвенција од страна на општината. Средствата за овој повик за сите апликации, изнесуваат еден милион денари и ќе се обезбедат од буџетот на општина Кавадарци.

Проектот е во соработка со Здружението за хумано домување Хабитат Македонија, кое работи во склоп на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, при што на станарите од избраните згради им се нудат поволни кредити на седум годишна исплата, со 5 проценти камата. Субвенцијата од општината се доделува во форма на грант директно на Хабитат.