Македонија
21. August 2017 - 19:30

Каубојска сцена пред затворот Идризово - непознати причините за нападот од маскирани лица

Со фантомки на главите и облечени во црна облека, две машки лица доцна синоќа го нападнале женското одделение во затворот Идризово.. Со камења и други предмети кои им биле при рака, двајцата маскирани фрлале кон прозорците од објектот.

Инцидентот се случувал 30-тина минути после 22 часот, информираат од Министерството за внатрешни работи.. Според полицијата, маскираните прва ги забележала затворската службеничка која побарала и дополнително засилување.. Двајца од стражарите употребиле и оружје за да ги спречат напаѓачите да се доближат до затворот..

Откако затворските службеници ги забележале двете лица кои што по претходно предупредување не застанале, од страна на двајца затворски службеници од службена автоматска пушка и пиштол, во воздух се испукани по два предупредувачки истрели, велат во соопштението од МВР..

По ова, двајцата маскирани напаѓачи побеганале кон селото Идризово.. Од полицијата велат дека по инцидентот, затворските стражари направиле преглед на реонот околу затворот но не ги пронашле двајцата кои го нападнале женското одделение на затворот..

Инаку денеска никој од Управата за извршување санкции ниту Директорот на казнено-поправната установа не одговори на прашањата од Сител што се случувало во затворот и дали нападот бил претходно планиран обид за бегство на затвореници..