Македонија
23. July 2017 - 18:38

„Катимерини“: Следната година може да е клучна за решение за името

Следната година може да биде клучна за решавање на долгогодишниот спор меѓу Атина и Скопје за официјалното име на Македонија, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Весникот, повикувајќи се на дипломатски извори, наведува дека официјални претставници во Европа и во САД сметаат дека може да се отвори можност за решавање на спорот за името во периодот меѓу локалните избори во октомври годинава и претседателските избори во Македонија во 2019 година.

Надежите за решавање на проблемот се појавија откако социјалдемократот Зоран Заев состави влада во јуни по повеќемесечениот политички хаос. По формирањето на новата владејачка коалиција, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров минатиот месец ја посети Атина за да се сретне со грчкиот колега Никос Коѕиас, кој, пак, треба да го посети Скопје кон крајот на август.

Друга причина поради која западните дипломати сметаат дека е можно да се најде решение за спорот, е повторно засилениот американски интерес за регионот, пред се поради опасноста Русија да се обиде да го прошири своето влијание врз послабите држави како на пример Бопсна и Херцеговина, пишува „Катимерини“.

Според дипломатските извори на кои се повикува весникот, американските официјални претставници забележале враќање на прагматизмот во Македонија и сметаат дека властите во Скопје се подготвени да направат компромис. Истовремено властите во Македонија, се чини дека се поттикнати од подготвеноста за отстапки и во Атина.  

Западните дипломати во сегашната фаза не вршат притисок ниту врз Атина ниту врз Скопје за да направат отстапки, но им предложија на двете страни да избегнуваат јавен дијалог за ова прашање за да не се создаваат преголеми очекувања. Целта е да се преземат чекори и од двете страни во текот на наредната година и преговорите завршат пред претседателските избори во Македонија во 2019 година, кога и Грција ќе се подготвува за општи избори, пишува „Катимерини“.