Македонија
8. November 2019 - 16:44

Катица Јанева и Боки 13 влегуваат во судница

Осомничените во „Рекет“, одат на суд. Кривичен не ги прифати приговорите по обвинението на Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски. Од судот велат дека Советот за оценка на обвиненител акт, донел решение дека приговорите на осомничените се одбиваат како неосновани, а обвинението целосно се одобрува.

„Откако по одобрениот обвинителен акт ќе биде оформен кривичен предмет истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, а штом ќе биде закажан термин за одржување на јавна главна расправа, странките ќе бидат известени“, велат од кривичниот суд.

Адвокатите на Јанева, приговарале на незаконитости при водењето на истрагата. Таа завршила на 23 септември иако до тогаш не биле готови вештачењата кои ги побарало обвинителството. Според бранителите на Јанева, таа немала сомнителни трансакции на сметката а сликата со пари во нејзиниот дом не била гаранција за обвинението.

Во меѓувреме, Апелациониот суд повторно не одлучи по барањето на Јанева да ја напушти Шутка со гаранција од три станови. Апелационите судии утврдиле административни грешки па жалбата ја вратиле во кривичниот суд.

Според обвинението, екс шефицата на СЈО зела 50 илјади евра и мебел во вредност од 5 илјади евра за да го ослободи од притвор Орце Камче. Во тоа помогнале Боки 13 и Зоки Кичеец кои наплатиле сума од еден и пол милион евра од бизнисменот и неговата сопруга.

Тројцата пред судот ќе од одговараат за злоупотреба на службена положба, перење пари и примање награда.