Македонија
20. February 2017 - 14:09

Карамбол на автопатот Тетово - Скопје: За два дена три сообраќајки

Три сообраќајни несреќи поради необезбедени услови на патот се случиле вчера и денеска на автопатот и регионалниот пат Тетово - Скопје, информираше портпаролот на СВР Тетово.

Според неговите податоци две од несреќите биле предизвикани од кучиња скитници на автопатот, а една од ударна дупка на регионалниот пат од овој патен правец. Освен материјална штета во нив нема повредено лица.

Најголема штета е причинета откако патничко возило „Фиат пунто“ со гостиварски регистерски таблици управувано од А.Н.(34) од Гостивар околу 6 часот на автопатот Тетово-Скопје во непосредна близина на Карпалак налетало, удрило и усмртило куче. Од удирањето немало повредени во возилото, а била причинета материјална штета што се проценува на 30 илјади денари.

На истиот автопат, но во непосредна близина на Добарскиот надвозник куче предизвикало сообраќајна несреќа  и вчера околу 1 часот. Во кучето удрило патничко возило „Ауди А4“ со кичевски регистерски таблици, што го управувал 27-годишниот А.Т. (27) од Кичево. Во несреќата нема повредени лица и причинета е само материјална штета која се проценува на 5000 денари. И на двете места бил извршен комплетен увид од страна на полицијата и според досегашните информации причина за несреќите е необезбеден коловоз што овозможил неконтролирано движење на животните. 

Третата сообраќајка предизвикана од необезбедени услови на патот се случила вчера околу 11 часот на регионалниот пат Тетово Скопје кај Добарскиот надвозник кога патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистерски таблици што го управувал И.А. (32) од скопското село Копаница, удрило во ударна дупка на десната страна од што му испаднало предното десно тркало. Полицијата извршила увид и работи на утврдување на сите поединости додека материјалната штета се проценува на 12 илјади денари.

Според полициските податоци минатата година на подрачјето на СВР Тетово се случиле вкупно 118 сообраќајни несреќи поради необезбедени услови на патот. Најголемиот број од нив биле предизвикани од животни, пред се од кучиња-скитници и од ударни дупки или оштетувања на коловозот а според местото најмногу се случиле на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје.