Балкан
20. јуни 2021 - 15:19

Каракачанов го критикува Борисов поради „остриот пресврт“ во неговиот став кон Македонија

Лидерот на ВМРО, Красимир Каракачанов го критикуваше поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов во врска со „остриот пресврт“ во неговиот став кон Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Каракачанов, по тоа прашање требало да има единствен став и тој треба да биде национално одговорен. Ова го коментираше за БТВ лидерот на ВМРО и поранешен министер за одбрана на Бугарија во Владата на Борисов, Красимир Каракачанов.

За време на посетата на Софија оваа недела, македонскиот премиер Зоран Заев најпрво се состана со поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој ја префрли одговорноста за започнување на разговорите за членство на Македонија во ЕУ на привремената Влада.

Според лидерот на ВМРО, премиерот на Македонија Зоран Заев бил свесен дека нема да постигне ништо со оваа посета на Бугарија, а неговата цел е да им покаже на другите земји од ЕУ дека Македонија е конструктивна земја, а Бугарија не е.