Македонија
17. October 2017 - 13:25

Кампања на Фондацијата Фридрих Еберт и МППС за борба против сиромаштијата

Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје и Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) го одбележуваат Светскиот ден за борба против сиромаштијата и најавија заедничка годишна кампања која ќе трае 365 дена со цел континуирано подигнување на свеста на граѓаните. 

- Во услови кога секое трето лице во Република Македонија се смета за сиромашно, државните институции, организациите од граѓанскиот сектор, меѓународните организации како и сите граѓани не смеат да бидат пасивни актери во борбата против сиромаштијата. Владата, а посебно Министерството за труд и социјална политика овој проблем го поставија високо на агендата на Владината и на програмата на ресорното министерство, но потребна е прецизна координираност со локалните самоуправи и со организациите кои ја имаат експертизата за решавање на проблемот со сиромаштијата, се вели во соопштението од Фондацијата Фридрих Еберт и МППС. 

Во следните 365 дена МППС, поддржана од Фондацијата ќе го почне и процесот на мониторинг и на програмите кои, како што се наведува, во изминатите години беа најавувани од општините и на ветувањата кои ги дадоа градоначалниците за време на локалните избори. 

- Мониторинг ќе се изврши и на програмите кои ги има и МТСП, а заеднички ќе се идентификуваат начините како најдобро и најефикасно да се координираат тековните процеси на намалување на сиромаштијата во државата, стои во соопштението од Фондацијата Фридрих Еберт и МППС.