Бизнис
26. November 2019 - 8:57

Камп на иновации – натпревар на средношколци во претприемачки вештини во Скопје

Камп на иновации – натпревар на средношколци во претприемачки вештини ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Џуниор ачивмент Македонија во соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

На натпреварот, како што најавуваат организаторите, ќе учествуваат 13 средни училишта од десет града од целата територија на земјата и ќе се натпреваруват 52 средношколци со поддршка од 13 ментори наставници од Велес, Тетово, Македонски Брод, Кочани, Свети Николе, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Берово и Скопје.

Во претпладневниот дел, преку низа тимски активности и со помош на 13 бизнис-волонтери учениците ќе имаат можност да се запознаат и да го покажат своето знаење во областа на претприемаштвото. Во текот на денот учениците ќе работат во тимови, со пристап до интернет и технологија ќе го искористат своето знаење, применувајќи претприемачки вештини да најдат иновативни одговори за предизвикот. На крајот нивните презентации ќе се оценат од страна на жири, кое ќе ги одбере првите три места.

Натпреварот е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, а го реализира организацијата Џуниор ачивмент Македонија – член на светската мрежа Џуниор ачивмент, која е основана во 1919 година.