Свет
22. January 2016 - 13:38

Камерон: Идните односи со Русија ќе бидат со „отворени очи и многу студено срце“

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави во Лондон дека Велика Британија ќе мора да има некој вид односи со Русија, поради Сирија, но тие ќе бидат со „отворени очи и со многу студено срце“.

Изјавата на Камерон доаѓа по објавувањето на заклучоците од јавната истрага за смрта на поранешниот руски разузнавач, Александар Литвиненко, кој подоцна работел за британската тајна служба МИ6.

Судијата Роберт Овен кој раководеше со истрагата, ја обвини Русија за спровдување „државен тероризам“ на британска почва.

Во извештајот на 300 страници, како „извршители“ на убиството на Литвиненко се посочуваат двајцата поранешни оперативци на руската разузнавачка агенција ФСБ, Андреј Луговој и Дмитри Ковтун. За нив се вели дека за убиството добиле одобрување од тогашниот шеф на ФСБ, Николај Патрушев и дека тоа „најверојатно“ го направиле со знаење и согласност на рускиот претседател Владимир Путин.

Официјална Москва ги отфрли ваквите обвинувања, оценувајќи ја британската јавна истрага како „пристрасна и непрецизна“ и предупреди дека таа ќе има сериозни последици врз руско-британските односи.

Британскиот министер за внатрешни работи Тереза Меј откри дека Лондон ќе му ги предочи на претседателот Путин заклучоците на истрагата на првата следна прилика за тоа.

Литвиненко почина на 23 ноември 2006 година, само три недели откако нагло тешко се разболе, по средбата што ја имаше со двајцата свои некогашни колеги, Луговој и Ковтун, во кафулето на еден лондонски хотел.

Истрагата што тогаш ја водеше Скотланд Јард заклучи дека Литвиненко е отруен со радиокативниот изитоп Полониум-210 кој му бил ставен во чајот што го пиел на средбата. Британската полиција откри радиоактивни траги секаде каде престојувале Луговој и Ковтун, па во мај 2007 година формално го обвини Луговој за убиство и побара негова екстрадиција во Британија.

Уште тогаш британските власти ја обвинија Русија за „државен тероризам“ на британска почва, оправдувајќи го ваквото тврдење со „оружјето“ што е искористено за убивањето на Литвиненко, кое може да го поседуваат само држави, но не и поединци зашто тоа не може да се најде на пазарот.

Во Лондон се верува дека сегашната остра порака на Камерон до Кремљ уште повеќе ќе ги замрзне односите меѓу двете земји кои и онака се прилично студени веќе подолго време, особено затоа што во неа има предупредување дека будно ќе се следи делувањето на Русија и дека нема одново да се дозволат егзекуции на територијата на Британија.