Македонија
10. September 2018 - 11:53

Камбовски: Договорот од Преспа оптимално решение

Договорот од Преспа е оптимално решение што Македонија можеше да го постигне за решение на спорот за името, смета академикот Владо Камбовски,  кој денеска заедно со академикот Владо Поповски и Нано Ружин одржа средба со новинарите посветена токму на овој договор.

На иста линија со Камбовски е и академикот Поповски кој вели дека „не можеше да има подобар договор“ и оти е илузија доколку некој каже дека би склучил подобар договор од овој.

Камбовски кажа дека ова не е официјален став на МАНУ, туку дека ова се некои научни погледи на академици од Центарот за стратегиски истражувања на Академијата.

Утрешната научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“ се организира како одговор на потребата од научна и стручна анализа на Спогодбата од Преспа и на општествениот, политичкиот и медиумскиот контекст во кој таа е склучена. Учество ќе земат повеќе членови на МАНУ, еминентни научници, претставници на власта и на акредитираните дипломатски мисии во земјата.