Македонија
17. January 2019 - 16:10

Калеска -Ванчева: Пратениците во Собранието на Република Македонија ќе гласаат за усогласениот текст на реформскиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси

Денеска пратениците во Собранието на Република Македонија ќе гласаат за усогласениот текст на реформскиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси, со којшто конечно Македонија ќе добие силна и независна институција за борба против корупцијата.

Пратеничката група на СДСМ и на Коалицијата не отстапи од ставот да добиеме квалитетна законска рамка, којашто ќе овозможи функционирање на стручно, целосно независно антикорупциско тело, оневозможувајќи какви било партиски притисоци и злоупотреби.

Новата Државна комисија за спречување на корупцијата добива сериозни надлежности во контролата на финансирањето на политичките партии и во време на изборна кампања, но и во следење на законитоста на нивното редовно финансирање.

Со новото законско решение се врши допрецизирање на одредбата која овозможува директен увид во банкарските сметки, но само по покрената постапка.

Се овозможува увид во базите на податоци од 17 институции, меѓу кои и МВР, УЈП, Катастар, Царина, Централен регистар, Комисија за хартии од вредност…

Особено треба да се нагласи зајакнувањето на капацитетите на Државната комисија за спречување на корупцијата. Се формира Секретаријат кој ќе обезбеди неспречено спроведување на надлежностите, се зајакнува финансискиот капацитет на Комисијата, но и на вработени за кои се обезбедува додаток на плата до 30 проценти.

Вака усогласениот Предлог закон кој, верувам дека денеска едногласно ќе го усвоиме, обезбедува строги и прецизни критериуми за избор на нов состав на ДКСК. Мора да се нагласи дека за прв пат во историјата на Република Македонија ќе имаме јавно интервју на кандидатите, кое ќе се пренесува на собранискиот канал.

Истовремено, создаваме услови за целосна департизација на ова тело, со тоа што се оневозможува секој кој имал каква било врска со одредена политичка партија во последните десет години да се кандидира за член на ДКСК.

Со Предлог законот се врши усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, а вклучени се и препораките на ГРЕКО, на експертските извештаи и на извештаите на ЕК за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата е убедена дека преку конструктивен и ефикасен процес ќе избереме нов состав на Антикорупциската комисија, која непречено ќе го следи изборниот процес што следува.