Македонија
5. December 2020 - 16:43

Какви последици остава Ковид-19 врз оние кои го прележале

Паѓање на косата, лупење на рацете, болки во кичма и бубрези, изнемоштеност...Ова се само дел од последиците по прележан ковид што може да се прочитаат од искуства споделени на социјалните мрежи. Граѓани сведочат дека и неколку месеци по завршување на корона голготата не можат да се опорават и имаат чудни симптоми и болки.

.-После четири месеци од прележан ковид, болки во градите, во бубрези во кичма...Коса паѓа три пати повеќе од порано. Ехо на срце и ехо на абдомен обавезно после прележана корона.

-Искрено, и после 3 месеца јас чувствувам понекогаш малаксаност, болки во грбот и мускулите, и добив анксиозност не можам да влезам во погон да работам мислам ќе се угушам, губам здив.

Лекари од скопски клиники пишуваат дека има случаи на пациенти кои и покрај тоа што биле успешно излекувани, сега имаат срцеви проблеми а има и такви кои добиле дијабет иако претходно немале проблем со регулирање на шеќерот во крвта. Лица кои со недели биле на инфективна во тешка состојба, потоа и во домашни услови не можат да се откажат од потребата од кислород.

-Кај нас на клиника уште 15 до 30 дена, некои набавуваат кислородни концентрати и продолжуваат и дома со терапија, вели др. Дејан Докиќ, директор на Клиника за пулмологија.

 Многу посериозни се невролошките состојби кои настануваат во пост ковид периодот.

-Губење на концентрација, меморија и тоа и кај лица кои биле асимптоматски, вели Иван Барбов, директор на Клиника за неврологија.

Дали ова е последица на стресот и паниката од вирусот, терапијата што ја пиеле пациентите или пак Ковид 19 може да го наруши здравјето долготрајно се уште е предмет на научни анализи во целиот свет.