Македонија
18. January 2021 - 21:24

Како ќе изгледа утрешното чествување на Водици?

Ковид пандемијата ја прекина традицијата на фрлање на Светиот крст во водите на река Брегалница. Свештеникот Добрица Јанев, појаснува дека и по Втората светска војна неколку години имало забрана за полагање на светиот крст во Брегалница, а и кога започнало практикувањето на обредот, не бил од масовен карактер.

- Традицијата да се фрла крстот во водите на Брегалница е возообновена на почетокот од 90-тите години од минатиот век. Пред тоа крстот се фрлал во дворовите, бидејќи секоја црква или 90 % од нив имаат мали базенчиња и фонтани во своите дворови, па таму го вршеле тој обред, изјави Добрица Јанев - свештеник во Брегалничката епархија.

Иако масовната манифестација нема да се одржи, сепак вратите на црквите остануваат отворени. Утринската богослужба започнува во 7 часот, а ќе се направи и голем Богојавленски водосвет.

- Ги замолуваме нашите верници кои што ќе доаѓаат да држат дистанца, да носат заштитни маски, да не се туркаат бидејќи вода ќе има доволно за сите. Секој ќе може да си нацрпи, да си однесе дома, да си попрска, да се замие, да се напие, додаде Јанев

Во Штип Свет крст се фрлаше на две локации, во Ново Село и од Камениот мост во населбата 8-ми Ноември, која се смета за централна манифестација и со која чиноначалствува митрополитот Брегалнички.