Ракомет
15. August 2018 - 8:57

Кадетите влегоа во полуфинале, Кристијан Симоноски избран за најдобар во селекцијата

Македонскaта ракометна кадетска селекција ја совлада Швајцарија со 32-31, во четвртиот натпревар на ЕХФ шампионатот (У18) во Тбилиси.

Уште од самиот почеток на натпреварот избраниците на Данило Брестовац ги контролираа случувањата на теренот, а одличната игра во одбраната на Швајцарците им дозволи само 9 постигнати голови пред самиот крај на првото полувреме. Во самата завршница од полувремето Швајцарија постигна три гола, сепак и нашите репрезентативци знаеја да вратат, па на пауза се замина со 15-12 за Македонија.

Продолжи добрата игра на нашиот тим и во второто полувреме, кога успеавме да се одлепиме и на пет голови разлика, но потоа следуваше период во кој направивме неколку грешки во серија што донесоа лесни голови од контра напади за противникот, па Швајцарија постигна 6 голови во низа и во еден момент дојде и до два гола предност (23-21). Сепак, успеа Брестовац повторно да ја консолидира играта на нашиот тим, Кизиќ беше одличен на голот во моментите кога најмногу требаше, а на Серафимов и Симоновски, во нападот им помогнаа и Каковски и Ѓорѓиев, со што Македонија направи нов пресврт и поведе со 32-30. Добрата одбрана на нашиот тим продолжи и во клучните моменти во самата завршница, па Швајцарија постигна само уште еден гол, за конечен триумф на Македонија од 32-31.

Мартин Серафимов со 10 голови беше прв стрелец во нашиот тим, Симоновски и Каковски постигнаа по 5 голови, Ѓорѓиев додаде 4, по 3 гола реализираа Џигероски и Костески, додека два погодоци имаше Дарко Кондев. Марко Кизиќ го заврши натпреварот со 12 одбрани за нашата репрезентација.

За најдобар играч во нашата селекција е избран Кристијан Симоноски.

„Во натпреварот со Швајцарија влеговме со голема желба за победа. Знаевме дека само победа ни обезбедува прво место во групата и полесен противник во полуфиналето, па затоа тргнавме мотивирано. Мечот го започнавме онака како што од нас бараше нашиот селектор со добра игра во одбраната и сигурна реализација во нападот.Таквата игра од наша страна резултираше со предност од шест гола. Сепак, после неколку наши технички грешки противникот се врати во игра , па  првото полувреме го завршивме со предност од само три гола. Во вториот дел од од средбата доживеавме многу осцилации во играта, кои никако не се пожелни, но се случуваат. Противникот го искористи тоа за да израмни и потоа и да поведе со два гола разлика.Токму во тие моменти покажавме карактер,не потклекнавме на притисокот,се боревме до крај и успеавме да победиме“, коментира за 24 Ракомет, Кристијан Симоноски.

Тој е убеден дека ќе можат да продолжат во истиот стил и да ја задржат добрата форма. Очекува викендов да го покажат најдоброто.

„На теренот покажавме дека сме екипа и дека сериозно го сфаќаме нашето учество на овај шампионат и чекор по чекор одиме кон целта. Ни останува уште еден натпревар во групната фаза, а победата ни е императив. Пред почетокот на овој шампионат немавме никакви информации за противниците, но сега откако сите репрезентации одиграа по 2-3 натпревари, секако со помош на нашиот стручен тим со добра подготовка за преостанатите натпревари се надевам дека ќе го повториме успехот на младинците на Македонија“, изјави Симоноски за 24 Ракомет.

Снимка: Македонија – Швајцарија

Извор: javisejuzna.mk; 24rakomet.mk