Свет
4. September 2017 - 9:29

Јужна Кореја изврши тестирање на балистички ракети како одговор на Пјонгјанг

Армијата на Јужна Кореја со тестирање на балистички ракети синоќа одговори на воените провокации од страна на Северна Кореја, која минатата недела лансираше ракета која прелета преку јапонска територија и се урна во Тихиот Океан. 

Кризата во регионот вчера дополнително се зголеми со изведување на досега најмоќните нуклеарни тестирања на хидрогенска бомба со голем дострел од страна на Пјонгјанг. 

Во тестирањето спроведено од стратешките единици на јужнокорејската армија, кое е извршено на полигон за нуклеарни тестирања, била користена вистинска муниција а бил симулиран напад врз севернокорејски нуклеарни постројки при што цел биле „одредени локации во Источното Море“. 

- Оваа вежба е изведена како одговор на шестата нуклеарна проба на Северна Кореја и ги опфати балистичките ракети „Хјунма“ и борбените авиони Ф - 15, се наведува во информацијата објавена од локалните медиуми кои се повикуваат на Здружениот генералштаб на јужнокорејската армија.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека дострелот на симулираните цели е ист со далечината до севернокорејската нуклеарна постројка Пунге-ни на северот од оваа земја. Во соопштението се додава дека во вежбата се користени ракети со голем дострел „воздух-земја“ и балистички ракети а во неа учествувале само јужнокорејски воени сили.

Армијата најавува дека во тек се подготовки за заеднички воени вежби што ќе бидат спроведени заедно со војската на САД во Јужна Кореја. 

Предходно САД најави дека би можеле да преземат „воен одговор од големи размери“ во врска со заканите од Северна Кореја, а Кина ги обвини Северна Кореја, но и САД и Јужна Кореја, за најновата криза. 

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера предупреди дека Јужна Кореја сфатила дека нема ништо од приказните за смирување на Северна Кореја и дека Пјонгјанг разбира „само едно“.