Балкан
9. January 2016 - 12:05

Јункер: Грчката криза цела 2015 година ја тестираше европската солидарност

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во авторски текст на социјалните мрежи тврди дека во текот на поголемиот дел од минатата година грчката криза ја стави европската солидарност на жесток испит, информира весникот „Вима“.

-Од почетокот на 2015 година разговорите со Грција на испит го ставија трпението на сите. Загубено беше многу време и доверба. Мостовите паднаа. Беа кажани зборови кои не можат лесно да бидат проголтани. Видовме како европските демократии се исправаат една против друга, посочи Жан-Клод Јункер.

Тој, меѓутоа, смета дека европската солидарност надвладеа и дека довербата почна да се враќа.

Клучот сега е во извршување на реформите во земјата и Комисијата да продолжи да ја поддржува грчката држава, давајќи и услуги и техничка помош за поддршка на структурните реформи што ги прави, пишува уште претседателот на Еврокомисијата.

Во својата статија Жан-Клод Јункер се задржува и на бегалската криза, забележувајќи дека европската солидарност и натаму ќе биде подложена на тестови . Тој подвлече дека биле преземени чекори, во тој правец, но упати и критики за тоа дека не се исполнуваат веќе поставените цели.