Македонија
8. September 2017 - 16:25

Јубилејно 25. издание на фестивалот на Камерен театар „Ристо Шишков“

Започнува јубилејното 25- то  издание на фестивалот на камерен театар Ристо Шишков. Годинава во трката за единствената награда за високо актерско остварување која го носи името на бардот на македонското глумиште Ристо Шишков влегуваат околу педесетина актери. 

За време на петте фестивалски денови кои започнуваат вечерва со претставата ,, Коските што доцна доаѓаат“ во продукција на националниот театар од Косово, а во режија на Мартин Кочовски ќе бидат одиграни вкупно тринаесет претстави од Македонија,  Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

„Од Македонија акцент се даде на независната продукција, значи големите театри ги изоставивме . Имаме претстави кои се од алтернативни и независни театри. Можам да кажам слободно дека во годинашнава програма ќе има огромна конкуренција за единствената награда Ристо Шишков. Имаме актери кои навистина нешто значат или оние кои се потрудиле годинава да имаат добри изданија и добри театарски претстави“ вели Ване Ристов – директор на ФКТ  Ристо Шишков.

Најдобриот актер традиционално како и во изминатите години ќе добие златен медаљон со ликот на Ристо Шишков и паричен износ во вредност од 1500 евра. 

За најдоброто актерско остварување годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири предводено од минатогодишниот лауреат Зијах Соколовиќ.