Македонија
7. December 2022 - 15:43

Јовановски: Се повлекувам од својата улога во протестите

 Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски денеска изјави дека целосно се повлекува предводувањето на протестот на приватните превозници во градот Скопје, за како што вели, да не се злоупотребува неговото име, а блокадите остануваат и понатаму. Во однос на новиот јавен повик од страна на Град Скопје, тој рече дека никој од превозниците присутни на протестот кои досега ја извршуваа својата дејност нема намера да се пријави, доколку долгот не биде расчистен.

– Ако првично проблемот беше неисплатата на долгот на ЈСП кон приватните превозници, после тоа добивме дополнителен проблем – со одземањето на дозволите им се одзема и правото на превозниците да учествуваат во јавниот превоз. Сега имаме и егзистенцијален проблем, изјави Јовановски.

Во однос на новиот оглас распишан од страна на Град Скопје, Јовановски смета дека не е точно тврдењето на секретарот дека за истиот имало огромен интерес.

-Не може огласот да се спроведе онака како што некој тоа го посакува, туку мора да е во согласност со закон и со одлуката на Советот на Град Скопје. Па така, идејата на градоначалничката која што беше најавувана дека превозниците поединечно ќе можат да конкурираат е ретерирана, и сега е објавен оглас во кој е објавен еден пакет на линии, како што најавија бр. 20 и бр. 22, додаде Јовановски. 

Тој е дециден дека од сите превозници кои досега ја обавуваа оваа дејност, никој нема намера да се пријави на тој оглас, доколку долгот не биде расчистен.

-Не можете да го терате некој повторно да влезе во трошоци, да ви вози уште наредни три или четири месеци и повторно да му кажете тужете не се за парите ќе ти го раскинеме договорот. Многу лоша пракса, многу лош впечаток се остави, многу лоши принципи на делување од страна на една таква институција како што е град Скопје и градоначалничката во која што праќа многу лоша порака до кој било којшто би сакал да понатаму ја обавува оваа дејност, додаде Јовановски.

Тој исто така потенцираше дека ќе се повлече од својата улога да го предводи протестот, за да не се споменува неговото име во политички цели.

-Во изминатите денови се повеќе се споменува моето име како клучен проблем и изговор на одредени политички структури и интересни групи кои се фокусираат на мене како личност и на „Слобода превоз“ и на некакви си бизнис или лични интереси.  Јас од денеска во целост ќе се повлечам од мојата улога во овие протести за да помогнам и да не бидам изговор ниту јас, ниту „Слобода превоз“ за нерешавањето на овој проблем, рече Јовановски.