Македонија
15. April 2016 - 11:03

Јолевски:Македонија ќе продолжи да делува конструктивно во бегалската криза

Бегалците од Сирија се глобален проблем и Европа и САД треба заеднички да соработуваат при надминување на бегалската криза, оценија европските и американските политичари на конференција во Вашингтон, на која учествува и македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски.

На заедничка панел дискусија со поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, поранешниот британски министер за надворешни работи Дејвид Милибанд и холандскиот министер за финансии Јероен Дијсеблум, министерот Јолевски рече дека Македонија се покажала како сериозен фактор и земја која конструктивно дејствува за да се контролира големата криза со која е соочена Европа.

- Мерките што ги имплементира Македонија се во согласност со заклучоците на Европскиот Совет и го штитат интегритетот на Шенген зоната. Македонските безбедносни сили преземаат активности кои се координирани со земјите од балканската рута. Македонија ќе продолжи да делува конструктивно и ќе ги превзема неопходните безбедносни чекори за заштита на националната и евроатлантската безбедност, изјави министерот Јолевски на конференцијата организирана од германскиот Институт Бертелсман и весникот Фајненшл Тајмс.

Јолевски воедно повика на синхронизирање на националните програми за поддршка на бегалците, за да се намалат ризиците.

- Во спротивно, ќе имаме случај како што истакне еден мој колега, во чија земја биле примени 500 бегалци од Сирија и по три месеци им се изгубила секаква трага - сите заминале на некое друго место. Затоа Европа мора да формира заеднички прифатлива политика како да се справи со бегалците, тој. 

Поранешниот државен секретар Олбрајт, јавува дописникот на МРТВ од Вашингтон, ја оценила бегалската криза како проблем кој не е само европски, туку глобален и повикала САД да сторат повеќе, а не само да зборуваат. - Ако САД им кажуваат на другите држави што да прават, тогаш ние треба да земеме повеќе бегалци. Целосно верувам во тоа, изјавила Олбрајт.

Министерот Јолевски исто така повика за проактивна улога на Европската унија и ангажман на САД за справување во кризата, но и долгорочна стратегија за соочување на овие предизвици. Јолевски воедно побара да се обезбеди поголема поддршка на непосредните соседи на Сирија, како што се Турција, Либан и Јордан со што би се создале услови бегалците да останат поблиску до Сирија и Ирак, и за евентуално нивно враќање во нивните домови.