Македонија
2. October 2015 - 9:19

Јолевски во посета на Националната гарда на Вермонт и универзитетот Норвич

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во текот на денешниот ден ќе оствари посета на Националната гарда на Вермонт и на Универзитетот Норвич.

Во рамки на посетата, соопшти денеска Министерството за одбрана, Јолевски ќе оствари средба со претседателот на Универзитетот  Ричард Шнајдер, како и со заменик-претседателот за академски работи и декан  Гујоу Хуанг.

Заедно со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски, министерот Јолевски, ќе оствари средба со командантот на Националната гарда, генералот Креј, како и со претставниците на државата Вермонт во Конгресот и Сенатот на САД. Министерот Јолевски и генералот Величковски ќе присуствуваат и на церемонијата за пензионирање на генералот Дуби, поранешен командант на Националната гарда.

Универзитетот Норвич е најстариот приватен воен универзитет во САД. Република Македонија има воспоставено плодна соработка со универзитетот на кој се школувале и студенти од Република Македонија.