Македонија
22. October 2015 - 12:25

Јолевски на СЕДМ: Подготвени сме веднаш да бидеме дел од НАТО

„СЕДМ процесот се докажа како одличен форум за регионална соработка во областа на безбедносни предизвици. Наша задача е колку е можно повеќе да го користиме овој процес за заеднички да придонесеме кон меѓународната безбедност и стабилност“, рекол министерот Јолевски на денешниот СЕДМ состанок кој се одржува во рамки на Сеопфатниот министерски состанок во Дубровник, Хрватска.

На состанокот, соопшти денеска МО, тој посочил дека Република Македонија продолжува на нејзиниот пат кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија.

- Македонија направи многу за да ги достигне овие стратегиски цели. Ние сме подготвени веднаш да бидеме дел од Алијансата, рекол министерот Јолевски и додал дека за тоа има поддршка од сите политички чинители во државата и од граѓаните на Република Македонија. 

На маргините на состанокот,Јолевски остварил средби со повеќе негови колеги, меѓу кои и со министерот за национална одбрана на Република Турција, Исмет Јилмаз, со кој потпишал Договор за воено финансиска соработка. Јолевски имал средба и со делегација од словенечкото Министерство за одбрана.

На средбите, стои во соопштението од МО, Јолевски изразил задоволство од нивото на соработка со сојузничките земји. Тој посочил дека Република Македонија останува на своите стратегиски цели, членство во Алијансата и ЕУ, за што добил безрезервна поддршка од неговите колеги.