Кошарка
12. јуни 2021 - 10:30

Јокиќ со нов трипл-дабл ефект се израмни со легендарните Џабар и Чемберлен

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ со рекорден трипл-дабл ефект влезе во историјата на НБА лигата, но не успеа да му помогне на својот тим Денвер да го избегне и третиот пораз во плејоф пресметката против Феникс.

Денвер во третиот натпревар од полуфиналето во Западната конференција загуби синоќа на домашен терен од Феникс со 106:102 и е на чекор од елиминација во разигрувањето за титулата.

Јокиќ натпреварот го заврши со 32 поени, 20 скокови и десет асистенции зад своето име и стана само третиот кошаркар во историјата на НБА лигата со таков трипл-дабл ефект во разигрувањето.

Досега низ историјата само Карим Абдул Џабар и Вилт Чемберлен имаат ефект од најмалку 30 поени, 20 скокови и десет асистенции на плејоф натпревар во најсилната кошаркарска лига во светот.

Во вториот натпревар од разигрувањето за титулата одигран ноќта меѓу петокот и сабота, кошаркарите на Филаделфија поведоа со 2:1 во полуфиналната серија до четири победи на Истокот, остварувајќи гостински триумф над Атланта од 127:111.