Балкан
26. July 2019 - 10:32

Јеремиќ: Српската опозиција мора да остане обединета во одлуката за бојкот на изборите

Претседателот на српската Народна партија (НС), Вук Јеремиќ, изјави дека опозицијата мора да остане обединета во својата одлука да ги бојкотира изборите, ако власта до крајот на септември не обезбеди фер и демократски изборни услови.

-Мислам дека власта нема да обезбеди услови за фер и демократски избори и доколку опозицијата не излезе на нив, ќе биде оспорен легитимитетот на институциите и оваа ситуација не може да трае долго. Диктаторскиот режим, кој го сочинуваат комплетни дилетанти, нема да знае како да се справи со овој проблем, рече Јеремиќ во Краљево, на форумот на Сојузот за Србија (СзС).

Јеремиќ посочи дека поранешната власт во Македонија паднала 1,5 година откако опозицијата ги бојкотираше изборите, а Слободан Милошевиќ беше поразен откако вистинската опозиција ги бојкотираше изборите во 1997 година, додавајќи дека тогашните опозициските партии кои учествуваа на изборите, после тоа веќе немаа никакво влијание.

-За бојкотот да биде успешен мораме заедно да водиме успешна кампања на бојкот. Ние нема да седиме дома, ќе имаме план за секој месец на кампањата, рече Јеремиќ.

Тој оцени дека власта на СНС „не може да трае долго време” и дека системот пука по рабовите, додека “менталната стабилност на претседателот на Србија Александар Вучиќ се повеќе е сомнителна и тоа е повеќе од очигледно.“

-Системот е се повеќе пренапрегнат секој ден и кога прангијата ќе се притисне до крај, таа тогаш не се враќа полека во првобитна состојба, туку нагло. Промените можеби не ни се на дофат на рака, но тоа ќе се случи во догледно време, рече Јеремиќ.

Лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, рече дека СзС е апсолутно единствен дека сигурно нема да учествува на изборите ако не се фер и чесни и ако медиумите не бидат слободни шест месеци пред изборите во пролетта 2020 година.

-Крајот на септември е последен рок и ако дотогаш владата не седне на масата за преговори, ние сме подготвени кон крајот на септември да го објавиме бојкот на изборите и на сите начини ќе се бориме против диктатурата, почнувајќи од продолжување на протестите, кампањата за бојкот, па, доколку е потребно и со голем собир на опозицијата пред српскиот Парламент на денот на изборите. Ако диктаторот мисли дека може да владее диктаторски, тогаш и ние ги имаме сите демократски права за соборување на еден ваков диктатор , рече Обрадовиќ.