Македонија
15. July 2020 - 11:33

Јавно обвинителство: Нема пристигнати пријави за изборни нерегуларности

До овој момент, од почетокот на гласањето во oсновните јавни обвинителства, како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.mk нема пристигнати пријави за изборни нерегуларности поврзани со настани од процесот на гласање, соопштија од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Во текот на ноќта и предизборните денови, стои во соопштението,  пристигнати се неколку известувања. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должности и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања, се подвлекува, јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот.

– Рано утринава е пријавен настан кој се случил во 03,20 часот  во ПО Галате каде дошол претседателот на месната заедница од село Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од село Дебреше. Лицата  со автомобил  низ селото растурале пропаганден материјал-флаери на една од коалициите.  При што биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар -Гостивар. Сите иволвирани во моментот се во ПО Галате. Се работи на расчистување и документирање на случајот, се наведува во соопштението од ЈО на Република Македонија.

За овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, се подвлекува во соопштението, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните.​