Бизнис
17. December 2020 - 14:10

Јавен повик за финансиска поддршка на уметници и културни работници

Владата донесе Одлука за финансиска поддршка на уметници и културни работници, која се состои од еднократна исплата на средства во месечен нето-износ од 14.500, 18.000 или 21.500 денари за период од три месеци.

Министерството за култура, врз основа на оваа Одлука, на својата веб-страна денеска го објави Јавниот повик за доставување барање за финансиска поддршка на уметниците и на културните работници.

Предмет на финансиската поддршка на уметниците и на културните работници е еднократна исплата на финансиски средства за период од три месеци, во месечен нето-износ од:

– 14.500,00 денари (доколку уметникот, односно културниот работник во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 80.000,00 денари од вршење уметнички или стручни работи во културата според евиденцијата на Управата за јавни приходи),

– 18.000,00 денари (до колку уметникот, односно културниот работник во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 60.000,00 денари од вршење уметнички или стручни работи во културата според евиденцијата на Управата за јавни приходи),

– 21.500,00 денари, (до колку уметникот, односно културниот работник во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 40.000,00 денари од вршење уметнички или стручни работи во културата според евиденцијата на Управата за јавни приходи).

Како што соопшти денеска Министерството за култура, јавниот повик трае до 19.12.2020 година, а сите заинтересирани лица на маил адресата на Министерството за култура: info@kultura.gov.mk треба да достават Барање за добивање финансиска поддршка на уметници и на културни работници и Изјава за исполнетост на условите за добивање финансиска поддршка (Образецот на Барањето и образецот на Изјавата се Прилзи 1 и 2 на Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници и се објавени заедно со Јавниот повик).

Исплатата на средствата ќе ја врши генералниот секретаријат на Владата врз основа на решенија што ќе ги донесе министерот за култура, а во согласност со член 6 од Уредбата со законска сила за формирање на Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот во рок утврден во член 3 од Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници.