Свет
11. March 2016 - 11:19

Јапонија ќе потроши 57 милијарди долари за обнова на регионите погодени од земјотресот во 2011

Јапонската Влада денеска усвои нов петгодишен план за обнова на североисточните региони на Јапонија, кои беа погодени од катастрофален земјотрес и цунами на 11 март 2011 година.

Документот предвидува за таа цел до 2020 година да бидат потрошени 6,5 билиони јени (околу 57 милијарди долари). 

- Владата ќе ги вложи сите напори за да им ја обезбеди целата неопходна помош на жителите на регионот. Луѓето можат да се чувствуваат безбедно, изјави јапонскиот премеир Шинѕо Абе на седница на Горниот дом на Парламентот.

Министерот за обнова на Јапонија по земјотресот Цујоши Такаги нагласи дека многу од жителите на погодените региони се уште живеат во времени живеалишта и додаде дека Владата ќе се погрижи да го реши тој проблем што е можно поскоро.

Новата петгодишна програма почнува во април. Таа предвидува 90 отсто од работата за обвнов на живеалиштата и другата инфраструктура во североисточниот дел на земјата да заврши до финансиската 2017 година. 

Планот вклучува и укажување на медицинска и психолошка помош за настраданите од цунамито, поддршка за производството и земјоделството во регионот, како и за развојот на туризмот. 

Од 2011 година јапонските власти потрошија околу 225 милијарди долари за активностите за обновување и ликвидирање на последиците.