Македонија
13. December 2019 - 15:19

Јанушев: Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено илјадници амандмани – ДУИ поднесе околу 7.000 а ние 600

Не е вистина дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено илјадници амандмани, вели Генералниот секретар Игор Јанушев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција. Наспроти изјавата на Премиерот Заев во која твој тврди дека најголемата опозициска партија поднела над 9.000 амандмани, Јанушев вели дека вкупно има поднесено околу 7.000 амандмани од кои најголемиот дел се од ДУИ

- „Без да навлегувам во техничките детали, вистината е дека се поднесени речиси 7000 амандмани, меѓутоа невистина е дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено илјадници амандмани, ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 600 амандмани, додека ДУИ има поднесено над 6000  или околу 6000 амандмани. Она што е многу побитно во целиот овој процес е дека СДСМ и Заев по не знам кој пат се обидуваат да манипулираат пред се  со помалите политички партии бидејќи од поднесените амандмани гледаме дека всушност и внатре во коалицијата не се сите работи онакви какви што се претставуваат пред јавноста. Она што е најбитно во овој момент  е дека измени на изборниот законик во насока на менување на изборниот модел на речиси неполни 2-3 недели пред бирање односно составување на техничка влада којашто треба да ги спроведе изборите, од друга страна на 3 односно 4 месеци неполни пред одржување на парламентарните избори да менувате изборен модел и притоа без консензус на најголемите политички субјекти уште еднаш само го покажува вистинското лице на Заев и СДСМ во однос на тоа како шарлатански и хазардерски ја водат оваа држава.“ – вели Јанушев. 

Прашан за коментар за поднесените амандмани од ДУИ, Јанушев вели дека најдобар одговор на тоа прашање може да дадат во Мала Речица

„Па, освен дека и тие не се согласуваат со ова не би можел ништо друго да коментирам, веројатно би било најдобро да ги прашате нив.“ – вели Јанушев.

Претходно премиерот Заев https://sitel.com.mk/zaev-seriozno-kje-razmislime-za-odrzhlivosta-na-koalicijata-so-dui во повеќе наврати рече дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 9.000 амандмани, но како што кажа, поголем проблем за него се оние амандмани поднесени од ДУИ. Тие, според Заев ќе бидат причина СДСМ сериозно да ја преиспита коалицијата со ДУИ.

 

Александар Спасовски