Бизнис
18. August 2019 - 21:25

Јаневски потребна е нова стратегија за привлекување странски туристи - постоечката го достигна максимумот

Постоечкиот модел на субвенции за привлекување странски туристи го достигна својот максимум, смета директорот на Агенцијата за промоција на туризмот во земјава. Минатата година бројот на странски туристи и нивните ноќевања се зголемија за околу 15%. Додека годинава, заклучно со јуни земјава ја посетиле само 3,5% повеќе странски туристи. Надлежните велат дека мора да се најде друг начин за привлекување туристи од странство.

“Да, субвенции треба да имаме, но моменталниот модел е веќе изживеан и тој не може повеќе на таков начин да ги мотивира тур операторите да може да носат што поголем број на квалитетни туристи, кои ќе останат 5-7 дена. Ние треба да понудиме модел кој што ќе се базира на категоризација, ќе се базира на ѕвездички, ќе се базира на сезони и вонсезони. И ќе се базира на неколку други елементи на кои ќе одлучиме, односно стратегиски на кои пазари ќе ги развиваме во иднина”, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенција за поддршка и промоција на туризмот.

Поинтензивно интегрирање на Македонија во кружните балкански тури е, исто така, еден од начините како да се зголеми бројот на посетители. Организациите за промоција на туризмот од Македонија, Србија и Црна Гора веќе работат на тоа заеднички да привлекуваат азиски туристи. На саем во Сингапур трите дежави ќе се претстават како една дестинација.

“На тој начин ќе ги мотивираат азиските туристи да ги посетат овие дестинации бидејќи ние како една земја не сме доволно конкурентни на тој голем пазар. Вкрупнувајќи се ќе можеме што повеќе да понудиме, а сите 3 дестинации се доволно комплементарни да ги понудат сите во моментов потреби на азиските туристи за да може да ги видат во сите три држави. Би кажал дека иднината на Балканот е токму во вкрупнувањето”, објаснува Јаневски.

Во првата половина годинава Македонија ја посетиле речиси 90.000 странски туристи, од кои најбројни се посетителите од Турција, Србија и Полска.