Македонија
23. November 2015 - 15:46

Извештајот на ЕК за здравство пред матичната собраниска комисија

Собраниската комисија за здравство денеска на седница го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2015 година - во делот „Здравствена заштита“ и го даде на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во Извештајот на ЕК во однос на здравството е посочено дека инвестициите продолжија во јавното здравство.

-  Сите знаеме во каква состојба беа центрите кои згрижуваа пациенти со ментални нарушувања и воопшто пациенти со психијатриски нарушувања. Повеќе од 50 години во таквите институции не беше вложен ниту еден денар и сега во последните неколку години Владата преку Министерството за здравство и соодветните владини институции многу направи во однос на пациентите со ментални нарушувања посебно во однос на подобрување на инфраструктурата, условите за сместување, третман и лекување и превенција на овие заболувања, посочи Чибишев.

Биљана Настевска од СДСМ рече дека недостигаат дневни болници за ментално здравје, има три четири во Скопје, што, според неа, е премалку за да бидат задоволени потребите на останатите ментално болни. Неопходни се, посочи, центри за ментално здравје во внатрешноста.

Додаде дека буџетските средства што се понудени за програмата за здравствена заштита на лица со душевни растројства во Република Македонија се премалку за да може да се имплементира целосно таа стратегија.

Реплицирајќи на Настевска, Чибишев рече дека во Извештајот е наведено и дека се отворени 36 центри за прифаќање, превенција, лекување, советување и третман на депресивни пациенти.

- Не може за една, две и три години еден руиниран систем за третман и згрижување на пациенти со ментални нарушувања веднаш да го направиме да биде соодветен на европските стандарди. Многу е направено и ќе продолжи да се прави. За неколку години ќе имаме такви центри кои во целост ќе ги исполнуваат европските стандарди, додаде Чибишев.

Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ се осврна на делот во извештајот каде пишува дека се воведени мобилни и рурални аптеки, донесени се мерки за намалување на цените на фармацевтските препарати, воведена е бесплатна телефонска линија за медицински совет, системот за брзо предупредување за заразни болести е успешно воспоставен, воведени се поливалентни вакцини, надзорот над антибиотици е зајакнат, формиран е центар за информатички систем за испитување соодветност на ткива, складирање, замена и трансплантација, донесен е правилник за ветеринарни лекови за трансформирање на релевантните ЕУ прописи зголемувајќи го нивото на севкупна здравствена заштита, почнат е проект за зголемување на физичката активност кај деца со Даунов синдром, кампањи за подигнување на свеста за исхраната и физичката активност, како и нова програма за скрининг за рано откривање на рак на простата.

Таа појасни дека досега седум пати се намалени цените на лековите и околу 4.000 лекови имаат пониска цена. 

На забелешка на Роза Топузова Каревска дека нема рамномерен распоред на новата опрема во здравствените установи, Пемова појасни дека началници на одделенија во болници и директори во соодветни здравствени установи биле прашани што е неопходно и врз основа на тоа тие апарати се набавувале.  

- За овие 10 години се инвестирани над 100 милиони евра инвестирани во опрема, над 150 милиони евра се инвестирани во реконструкција, над 71 јавна здравствена установа се комплетно реконстурирани, додаде Пемова.

Момчило Аврамовски од ВМРО-ДПМНЕ укажа на спроведувањето на други проекти во здравството меѓу кои се ПЕТ центарот, донесување закони за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, комплементарна и алтернативна медицина итн.