Македонија
23. February 2018 - 15:47

Изработен извештајот за спроведување на препораките на УНЕСКО за Охрид

Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија во координација со ресорните министерства, институции и општини го изработи извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, соопшти Министерството за култура.

Извештајот е изработен согласно одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која се однесува на состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Од Министерството наведуваат дека извештајот бил усвоен од страна на Владата на Република Македонија на нејзината 54-та седница, одржана на 13 февруари и доставен до Центарот за светско наследство на УНЕСКО на 15 февруари.

Владата на РМ со ресорните органи и институции, со посебен интерес и внимание ги разгледала и ревидирала активностите предвидени во Охридскиот регион и носењето на одлуки, кои треба да овозможат баланс за идниот развој на регионот, темелен на зачувување на историски исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство на Охридскиот регион како светско наследство.

Извештајот може да се погледне на линкот.