Македонија
1. February 2018 - 14:10

Изминатата недела регистрирани 1.085 заболени од грип

Во текот на изминатата недела (од 22 јануари до 28 јануари), во Република Македонија се регистрирани 1.085 заболени од грип, што е зголемување за 70 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 637 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 1.919 случаи, постои намалување за девет отсто на бројот на заболени во четвртата недела од годинава.

Регистрираната инциденца oваа недела прв пат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип.

Во четвртата недела од годинава најголем број заболени – 699 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 71,7 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица - 292) и највисока инциденца 243,8 на 100.000 жители, се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, на подрачјето на подрачните единици Гостивар и Дебар се регистрира средна активност, на подрачјето на девет центри за јавно здравје/подрачни единици се регистрира ниска (сезонска) активност, во 11 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите девет извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип.

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 3.478. 

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона кога имало 32.934 заболени.

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 25 центри за јавно здравје/подрачни единици.

Досега, најголем број на заболени лица – 887 се регистрирани во ПЕ Гостивар и 413 во ЦЈЗ Тетово, а највисока инциденцата од 1.091,7 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 2.307 случаи (66 отсто), а највисока кумулативна инциденца од 207,4 на 100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Во текот на четвртата недела од годинава во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје тестиран е 21 материјал за грип. Од тестираните материјали, осум се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – пет инфлуенца B (Yamagata) и три инфлуенца A (H1N1) pdm.