Македонија
8. February 2018 - 9:34

Изложба на слики од Христо Петрески во Куманово

Изложбата „Пишување со бои: стихови, соништа, слики“ на уметникот Христо Петрески вечер ќе биде отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Петрески првпат изложува 25 дела пред љубителите на уметноста во Куманово.

- Тој употребува акрилни бои и изработува сликовни претстави на одбрани теми, предадени експресивно и на симболичен начин. Сликите кои се појавиле непосредно веќе постоеле во фантазијата на авторот затоа делуваат живо и искрено со што можат да го разбудат интересот на публиката, пишува за творештвото на уметникот професорот Владимир Величковски. 

Проф. д-р Христо Петрески е писател кој интензивно со сликарство се занимава од 2012 година. Досега реализирал петнаесет самостојни изложби во земјава и странство. Учествувал  на Мултимедијалната колонија Битола и на меѓународните ликовни колонии во Пелинце (Македонија) и Врањска бања (Србија). Пишува ликовна критика и автор е на книгата „Ликовната уметност е она што (не) се гледа“. Цел тематски број од меѓународното списание „Диоген про култура“ беше посветен на ликовното творештво на Христо Петрески и беше наречен „уметник на иднината“. Објавени се повеќе негови книжевни дела со негови илустрации, а со негови илустрации се илустрирани и книги од други автори.

Изложбата во Куманово ќе биде отворена наредните две недели.