Македонија
10. November 2015 - 15:37

Изложба на млади научници во Народната канцеларија на претседателот Иванов

По повод Светскиот ден на науката, во Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија денеска се одржа петтата по ред изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, под мотото „Квалитетно образование – наука за одржлива иднина за сите”.

Претседателот Иванов ја посети изложбата и изрази задоволство што овој настан прераснува во традиционален и што се повеќе млади луѓе се мотивирани и посветени на науката и иноваторството.

- Ме радува што секоја година имаме се повеќе иновации. Задоволство е кога гледаме дека младите се повеќе се бават со применета наука, затоа што единствено применливите решенија можат да доведат до напредок на целокупното општество, рече претседателот.

Како генерација, додаде Иванов, покажувате дека овие ваши иновации можат да се применат во индустријата, во стопанството, и со тоа да дадат придонес во развојните текови на нашата земја.

Честитајќи им за освоените награди и достигнувања, тој ги охрабри младите научници да продолжат со уште посилен ентузијазам во создавање пронајдоци и иновации.

Трансформација на штетниот отпад во гориво, робот-фудбалер, 3Д принтер, батерија од монети, еколошка машина за сушење, се само дел од иновациите кои денеска ги презентираа младите научници. На изложбата беа претставени и иноваторски проекти во сферата на еколошката хемија, автоматиката, роботиката, ракетното моделарство и биохемијата.

Претставниците од Народна Техника и од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како организатори на изложбата, му се заблагодарија на претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните, кои имаат за цел да го поттикнат креативниот потенцијал кај младите и да ги промовираат истражувањето и науката.

На изложбата беа претставени 48 експонати на ученици во основно и средно образование од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Штип, Тетово, Велес и Гостивар кои освоиле прво место на Државниот натпревар на млади истражувачи на Македонија - Наука за млади, Државниот натпревар на младите техничари и природници на Македонија и Меѓународната изложба на иновации МАКИНОВА и ЕКОНОВА. Меѓу експонатите беа и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Меѓу изложените проекти и експонати беа и иновациите на беровските млади иноватори, добитници на медали на Меѓународниот саем МАКИНОВА.

Директорката на Основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово Наташа Аврамска, во изјава за МИА рече дека е посебно горда на своите ученици кои во голема конкуренција успеаја да се изборат со своите иновации.

- Еколошката сушарница на ученикот Бранислав Бошнаковски освои златен медал, дестилацијата на етерични масла на ученичката Марија Бубевска освои бронзен медал, како и изумот на Андреј Бубевски, кој се вика крадач на ампери, исто така, ни донесе бронзен медал, рече Аврамска. 

Идеите за сите изуми се црпени од природата, се користи сончевата енергија за еколошката сушарница, додека за производството на етеричните масла се користеле домашни еколошки производи, па со дестилација се добиле етерични масла од јаболка, лаванда и смрека.