Македонија
8. October 2019 - 15:41

Изложба на фосилни остатоци од слонови од пред 8 милиони години во Неготино

Палеонтолошка изложба  на фосилни остатоци од слонови од пред 8 милиони години во Дисан, Неготинско, денеска беше отворена во Музејот на град Неготино. Публиката ќе може да ги погледне и фотографиите од досегашните истражувања на терен.

Организатор на изложбата е Музејот од Неготино во соработка со Природонаучниот музеј.

– На изложбата се поставени 40 професионални документарни фотографии во црно-бела техника од Александар Гаревски, од петгодишното истражување во село Долни Дисан, од страна на палеонтолозите од Природонаучен музеј на Македонија и палеонтолози од Природонаучен музеј од Софија, Република Бугарија. Освен фотографии, изложени се и предмети, односно коски, заби и слично од слонови-мастодонт, носорог, газела, мајмун и друго, рече Драгица Чекорова, директор на неготинската културна институција.

На изложбата беа присутни претставници од Природонаучениот музеј, Билјана Гаревска – виш кустос, Билјана Карамачоска – кустос и Ивица Заркадов – лаборант од одделението за геологија и палеонтологија.

Гаревска појасни дека ова е прва тематска, палеонтолошка изложба во оваа општина, во која е претставено природното фосилно богатство од селото Долни Дисан.

– Сево ова има воспитно-образовен карактер, запознавање одблизу со една ретка фосилна мега фауна, карактеристична за Балканот. Фосилниот материјал е од пет различни видови на фосилни слонови кои првпат се среќаваат на еден ист локалитет, потоа носорози, џиновски мрзливци, антилопи, газели, мајмуни и друго, нагласи Гаревска, изразувајќи посебна благодарност до општината и Музејот и особено до семејствата Ташеви и Нојкови, кои им биле поддршка на терен.

Изложбата е посветена на професорот Ристо Гаревски, кој поголемиот дел од својот живот го посвети токму на палеонтологијата и нејзиното афирмирање во светот на науката и културата.

Сите заинтересирани можат да ја видат оваа интересна група на фосилни цицачи, плод на шестгодишно истражување на реонот.