Македонија
12. November 2019 - 13:20

Изложба на дела од школата за графички дизајн во Виница

Во домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница е отворена изложба на графички креативни решенија, како завршница на школата за графички дизајн „Импостер“ на која учествуваа ученици, студенти и професори од Виница и Кочани.

Во рамки на школата во октомври се одржаа тридневни работилници под менторство на виничанката Маријана Иванова која е магистер по фини уметности, а со финансиска поддршка од Министерството за култура како дел од манифестацијата „Нов културен бран“. Придонес во техничката реализација на работилниците дадоа и домот на културата од Виница и Школата за цртање и сликање од центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани.

– На изложбата се претставени 27 графички творби, по една од секој учесник на школата за дизајн. Освен практичната работа, имаше и обуки во три области – историја на графичкиот дизајн, модерните тенденции и графичкиот дизајн кај големите компании, како и искуствата со клиенти. Интересот кај учесниците беше доста голем, а финалните производи од работилницата се иновативни и прилично квалитетни, истакна Иванова.

Учесниците на школата „Импопостер“ креираа дизајни за лого, етикети за продукти и рекламни плакати, а на завршната изложба во Виница делови од нивните творби беа претставени како отпечатоци на маици.

Поради големиот интерес за изучување на графичкиот дизајн меѓу младите во Виница и Кочани, активностите на школата ќе продолжат и во наредниот период, при што во план е проектот да се реализира со втора етапа за која се очекува поддршката од Министерството за култура.