Македонија
9. February 2017 - 14:02

Изложба на дела од наградените од „Остен“ за светско културно наследство

Изложба на дела на уметниците Вазарели, Пикасо, Пандилов, Миро и Дали, кои се носители на наградата Светско културно наследство денеска е отворена во галеријата „Остен“.

Љубителите на уметноста изложбата ќе може да ја посетат до 8 март.

Наградата се доделува на Остен Биеналето на цртеж на починати уметници кои значајно придонеле за уметноста во светски рамки.  Досегашни добитници на оваа награда се Виктор Вазарели (2009),  Пабло Пикасо (2010), Димитар Аврамовски Пандилов (2012), Хуан Миро (2014) и Салвадор Дали (2016). 

Од галеријата „Остен“ ги покануваат љубителите на уметноста да ја искористат оваа навистина ретка можност да уживаат во ремек-делата на велемајстори кои, како што велат, ги обележаа некои од највпечатливите трендови во уметноста, како и во проекција на документарец од архивите на унгарската национална телевизија (со превод на македонски) посветен на животот и дејноста на Виктор Вазарели - таткото на оп артот.