Македонија
26. November 2015 - 14:47

Изложба „Конференција во Сан Франциско – Република Словачка во Обединетите нации“

Отворена е денеска изложба посветена на 70-годишнината од основањето на Обединетите нации насловена „Конференција во Сан Франциско (25 април – 26 јуни 1945) – Република Словачка во Обединетите нации“.

Изложбата е во организација на Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија и е поставена во ЕУ Инфо центарот во Скопје.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски на отворањето порача дека организацијата на Обединетите нации е воспоставена од народите поради страшните случувања во Втората светска војна и како резултат на потребата заеднички да се дејствува и да се создадат основи за зачувување на светскиот мир. 

- Во Сан Франциско во 1945 година светските лидери се собраа и ја втемелија организацијата на ОН со основна цел да се грижи и да го чува светскиот мир и да спречува појава на нови крвави војни меѓу народите. ОН преку своите механизми, исто така, го помагаат зајакнувањето на економскиот раст, борбата против сиромаштијата, борбата против заразните болести и зајакнување на меѓународната трговија, рече Јолевски.

Амбасадорот на Република Словачка во Македонија Мартин Безак истакна дека пред повеќе од две декади во јануари 1993 година знамето на Словачка е подигнато пред седиштето на ОН, кога Словачка како една од земјите наследнички на поранешна Чехословачка влезе во ОН.

- Словачка заедно со Чешка е меѓу оригиналните земји потписнички на Повелбата на ОН од 1945 година. Делегацијата на Чехословачка беше составена од многу дипломати со словачко потекло, кои придонесоа за успехот на конференцијата во Сан Франциско, истакна Безак.

Според координаторот на Обединетите нации Луиза Винтон, да се биде претставник на организација со 193 земји членки значи да се прославува роденденот 193 пати. Таа се заблагодари на делегацијата на Словачка за фото изложбата што ја документира вклученоста на земјата во ОН уште од самите почетоци на организацијата.