Македонија
11. December 2016 - 12:38

Изборна крими хроника: Закани со убиство, поткуп, агитирање... пријавени во полиција

Вчера во 16.00 часот во СВР Струмица, Г.К. (46) од Ново Село, струмичко, пријавил кривично дело „повреда на слобода на определување на избирачите“ од страна на лицата С.М. и П.Г. од истото село. Имено, на 05.12.2016 година С.М. и П.Г дошле во неговиот дом и му се заканувале дека ќе му ја укинат социјалната помош и дека ќе го убијат доколку не им ја даде личната карта.
 
Истиот се исплашил и им ја дал личната карта. За настанот се пожалил на познаник од Струмица кој го донел во СВР да го пријави случајот. За настанот е запознаено Основното јавно обвинителство Струмица. СВР Струмица презема мерки за целосно расчистување на случајот.
 
Вчера вечер во 23.57 часот полициски службеници од ПС Охрид, при обиколка на изборно место бр.1296, лоцирано во с.Велестово, охридско, забележале дека десната влезна врата од објектот-трпезарија од црквата Пресвета Богородица, каде се наоѓал избирачкиот материјал, не била заклучена. На местото излегол Претседателот на избирачкиот одбор, кој кажал дека нема клуч од наведената врата, односно имал клуч само од левата врата од каде бил внесен избирачкиот материјал за тоа изборно место и дека при заминување од избирачкото место не проверил дали десната врата е заклучена. По консултација со советникот од оперативниот штаб во МВР, на претседателот на избирачкиот одбор му било укажано, доколку со членовите на избирачкиот одбор констатираат недостатоци или уништување на избирачки материјал веднаш да информираат за преземање понатамошни мерки.
 
Вчера во полициската станица Демир Хисар, Д.Т. (25) од Демир Хисар, во својство на долгорочен набљудувач од граѓанска асоцијација „ЦИВИЛ“, пријавила кривично дело „поткуп при избори и гласање“ извршено истиот ден околу 17.00 часот во селската продавница во с.Брезово. Имено, за глас даден за една политичка партија, на лицето М.С. од Демир Хисар, од страна на лицата Т.П. и Ј.К., му била понудена материјална корист во износ од 1.000 денари. Исто така, околу 17.45 часот од страна на погоренаведените лица прекршен е изборниот молк на тој начин што оставиле партиски пропаганден материјал и торба пред влезот од куќата на Љ.К. во с.Зашле, демирхисарско. Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што во дворот од куќата на Љ.К., пронајдено е заклучено патничко моторно возило „БМВ“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на Т.П.. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
 
Вчера во 20.20 часот од ПС Радовиш, пријавено било дека во с.Ораовица, радовишко, пред изборен штаб на една политичка партија, непознати лица од возило во движење со обележја на друга политичка партија, расфрлале рекламен материјал истата политичка партија. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Радовиш. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 
Полициската станица Кочани поднесе кривична пријава против С.М. (28) и З.Б. (50), двајцата од с.Тркање, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“. Имено, на почетокот на декември 2016 година, во повеќе наврати, со намера да ги спречат во вршењето на избирачкото право, на лицата М.М. и М.М. им нуделе по 1.000 денари, а за тие пари требало да гласаат за една политичка партија или да им ги дадат личните карти и да не излезат на гласање. Лицата биле приведени во ПС Кочани и при извршен претрес кај нив и во нивните возила, пронајдени се повеќе списоци на лица со име и презиме и пари.