Македонија
5. March 2017 - 16:58

Избегната голема трагедија во Скопје - изгоре објект кој е на само неколку метри од Хемискиот институт

Целосно изгоре сендвичара на само три метри од Хемискиот институт. За среќа била избегната поголема трагедија од ширење на пламенот  на околните куќи како и студентскиот дом Стив Наумов кој е во непосредна близина. Густиот чад  прв го забележал Благе Николовски кој е чувар на Институтот. Испаничен, движејки се кон трафиката каде студентите купувале сендвичи, забележал дека целата е во пламен. Била зафатен и надворешниот дел од институтот...изгореле ролетни и напукнале поголем број од прозорците.

- Бев позади и гледам гори. Ептен не знаев каде да одам. Ми падна и бандера пред очи а почна да гори и боровата шума околу инситутот. За среќа брзо го изгаснаа пожарот, вели Благе Николовски, чувар на Хемиски Институт

Додека екипата на Сител беше на местото на настанот, таму беше и полицијата која правеше увид. Најверојатно, неисправна инсталација била причината за пожарот. Сопственикот на објектот не сакаше да зборува пред камера.

Пожарникарите огнот го изгаснале за три минути.

- Прво ни рекоа трева, но видовме густ чад и стигнавме веднаш и за среќа не дојде до проширувањ ена огнот. Веднаш беше изгаснат и местото расчистено, изјави Сретко Цимевски, командир на смена во Противпожарната бригада на град Скопје.

Од Хемискиот институт не информираа дека наредните денови ќе биде ограничено движењето на студентите на просторот каде изгоре сендвичарата.

- Брзата интервенција на противпожарната служба спречила огнот да се прошири внатре во институтот каде има хемиска лабораторија. Сега постои опасност од паѓање на прозорците кои биле зафатени од огнот.

Покрај сендвичарата во близина на студентскиот дом Стив Наумов, до пладне противпожарните служби интервенирале на уште 6 пожари во скопското подрачје, кои за среќа поминале без поголеми штети.