Македонија
3. November 2015 - 15:27

Иванов - Матарела: Без Балканот ЕУ не може да биде целосна

Италија  е пријател и поддржувач не само на Македонија, туку на целиот наш регион, затоа што без Балканот, Европската унија не може да биде целосна, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, посочувајќи дека двете држави ги поврзува традиционално пријателство и дека италијанскиот претседател одлично ги познава состојбите на Балканот

На средбата, како што јави известувачот на МИА, било разговарано и за статус-кво состојбата  во однос на македонското членство во НАТО,  како и за блокадите со кои се соочува Македонија.

- Во однос на НАТО беше искажана цврстата определба дека Италија ќе продолжи да ја поддржува Македонија, затоа што Македонија го заслужува членството, со сето она што го прави досега и што досега го има превземено, изјави македонскиот претседател.

Во тој контекст, италијанскиот претседател Матарела покрај силна поддршка во однос на европските и евроатлатските интеграции на Македонија, искажал и разбирање дека политичките кризи со кои се соочува Македонија се резултат на блокадите на патот на кон евроинтеграциите. 

- Претседателот Матарела јасно го искажа неговиот став дека Италија стои зад Македонија и дека прави се со цел  Македонија да го добие тоа што го заслужува. Без оглед на тоа што имаме постојано политички кризи,  и самите се свесни дека сето она што и се случува на Македонија е резултат и на постојаните блокади кои ги имаме на тој пат, рече претседателот Иванов.  

На средбата биле разменети мислења и информации и во однос на мигрантската криза и последниот план на  претседателот на Европската комисија  Јункер. Двајцата соговорници се согласиле дека е потребна заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот, односно одговорен пристап на земјите кон овој предизвик.

- Италија и самата  долг период се соочува со бран на мигранти кои доаѓаат од Африка. Искажавме благодарност затоа што  единствената помош која досега како земја во однос на бегалците и мигрантите сме ја добиле, е токму од Италија. Италијанската Влада упати 90.000 евра за Црвениот крст на Македонија, во поглед на хуманитарната помош што им ја даваме на бегалците и на мигрантите, изјави Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Италија е петти трговски партнер на Македонија,  и дека минатата година е остварена преку 700 милиони долари трговска размена, посочувајќи на присуството на италијанските бизнисмени во Македонија.

Во разговорите, претседателот Иванов упатил и покана за посета на Република Македонија од страна на италијанскиот претседател.

Со средбата со претседателот Серџо Матарела, претседателот на Република Македонија ја заокружи посетата на Италијанската Република.