Македонија
30. September 2015 - 15:22

Иванов ги прими акредитивите од новонаименуваните амбасадори на Куба, Венецуела и Лаос

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Куба, на Боливарска Република Венецуела и на Народна Демократска Република Лаос за Република Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на македонскиот претседател, на свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Република Куба за Република Македонија, со седиште во Софија, Педро Пабло Сан Хорге Родригез, претседателот Иванов истакнал дека постои интерес билатералните односи да се развиваат на повисоко ниво од досегашното, нагласувајќи дека Република Македонија придава исклучително значење на успешниот развоен тренд на односите со државите од Централна и Латинска Америка, а особено на натамошното унапредување на сèвкупните односи со пријателска Куба, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

- Ја користам оваа пригода да го поздравам повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, чин што го отвора патот за натамошен развој, просперитет и благосостојба за кубанскиот народ, поради што и наиде на огромна поддршка од меѓународната заедница, изјавил претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Куба изразил уверување дека во наредниот период ќе работи на потпишување договор за политички консултации кој овозможува посети помеѓу официјални претставници од двете земји за да се евалуира напредокот во билатералните односи на систематски начин, како и да се истражат можностите за соработка кои потенцијално постојат во областа на образованието, културата, здравството, фармацевтската индустрија и други области, рече Родригез.

На свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Венецуела за Република Македонија, со седиште во Софија, Ориета Капони, претседателот Иванов изразил надеж дека во наредниот период ќе следат конкретни активности во повеќе области од заемен интерес во зајакнувањето на пријателските односи меѓу двете држави.

- Длабоко сум уверен дека пред нашите две земји, со големо културно и историско наследство, претстојат можности за унапредување на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план, истакнал претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Венецуела, Ориета Капони посочила дека од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји во 2002 година, таа е првиот назначен амбасадор. - Токму заради тоа, моја примарна цел е развивањето и негувањето на пријателски односи и соработка од областа на политиката, економијата, трговијата, техничкото образование и културата врз основа на заедничките интереси на двете земји, истакнала Капони.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Лаос за Република Македонија, со седиште во Виена, Поукао Помавонгса, било констатирано дека постојат можности за изнаоѓање нови форми и содржини кои ќе ги збогатат односите и соработката меѓу двете држави.  

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им ја  честитал функцијата, посакувајќи им успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.