Македонија
20. January 2016 - 14:58

Иванов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Финска, Швајцарија, Естонија и Ирска

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Швајцарската Конфедерација, Република Естонија и на Ирска.

Како што соопшти Кабинетот на Иванов, на средбата со новоименуваниот фински амбасадор Перти Иконен, македонскиот претседател ја истакнал можноста за интензивирање на македонско-финските односи како на билатерален, така и на меѓународен план, изразувајќи надеж за продлабочување на соработката меѓу двете земји, особено во сферата на економијата. Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка од Република Финска за нашите аспирации за членство во НАТО и Европската унија, претседателот Иванов изразил надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

- За нас од особено значење беше споделувањето на финските искуства во различни области што беше реализирано во рамките на финската развојна помош и твининг проектите. Се надевам дека и во наредниот значаен период ќе можеме да сметаме на финската поддршка. Тоа е особено значајно денес, кога Европа се соочува со сериозни предизвици. Искрено се надевам дека во наредниот период и Алијансата и Унијата ќе ги имаат предвид интересите на Република Македонија, на нашиот Регион, и со поголема решителност во носењето на одлуки, ќе придонесат за натамошна консолидација, стабилност и просперитет во регионот на Југоисточна Европа, истакнал претседателот Иванов.

Амбасадорот Иконен нагласил дека Финска секогаш е подготвена да ги споделува своите искуства и најдобри практики со своите партнери, а таков е случајот и со Македонија - фински експерти сега работат во Скопје во рамките на два твининг проекти финансирани од Европската унија со цел постигнување на добри резултати во неколку области.

- Македонија ги зацврстува своите односи со Европската унија и ве уверувам дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ, подвлекол амбасадорот Иконен упатувајќи честитки за постигнатиот досегашен напредок и уверувајќи дека Финска е конструктивен пријател на земјава во нејзините континуирани напори да ги исполни критериумите за проширување, за што е подготвена да ги сподели своите знаења и експертиза како помош да стане земја-членка на ЕУ.

На средбата со новоименуваниот швајцарски амбасадор Сибиле Сутер Тејада, претседателот Иванов изразил задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји во изминатиов период.

- Дозволете ми да се заблагодарам за сета досегашна помош и поддршка од Швајцарската Конфедерација. Благодарение на развојната поддршка од швајцарската Влада, која трае години наназад, во Македонија реализирани се бројни проекти во разни области, кои придонесоа за подобро функционирање на одредени институции и за подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните во одредени региони, порачал претседателот Иванов.

Амбасадорката Сутер Тејада истакнала дека повеќе од две децении двете земји негуваат пријателски односи, а главен елемент на билатералните односи е Швајцарската програма за соработка со Македонија.

Во таа насока, амбасадорката Сутер Тејада најавила дека нејзината земја и во следните четири години ќе ја продолжи програмата за соработка со Македонија, за што ќе бидат одвоени 71 милиони швајцарски франци.

- Денес, Швајцарија е најголемиот билатерален донатор во Македонија. Нашата програма за соработка се фокусира на демократско владеење и децентрализација, економски развој и вода. Дизајнирана е да даде поддршка на приоритетите на македонската Влада  и прогресивната интеграција на земјата во европските структури, порачала амбасадорката Сутер Таједа.

Досегашните македонско-естонски односи бележат успешен развој, нагласил претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот естонски амбасадор Даниел Ерик Шаер, изразуваќи уверување дека со заеднички напори, пријателството и соработката меѓу двете земји ќе продолжи со јакнење и збогатување како на билатерален, така и на мултилатерален план.

- Република Македонија недвосмислено опстојува на зацртаните стратешки цели, членство во НАТО и во Европската унија. Високо ја цениме и сме благодарни за поддршката од пријателска Естонија во остварувањето на нашите стратешки цели, порачал македонскиот претседател.

Амбасадорот Шаер, истакнувајќи ја силната поддршка на Естонија во нејзините евроатлански аспирации рече дека Европската унија заедно со Естонија ги препознава потешкотиите со кои се соочува Македонија како резултат на мигрантската криза и предизвиците за изнаоѓање на дологорочни решенија за олеснување на кризата во регионот.

- Една од моите цели ќе биде да се зголемат бизнис контактите од заеднички интерес помеѓу двете земји. Верувам дека, исто така, треба да се максимизира користењето на расположливите алатки за да и се помогне на Естонија да ги споделува своите искуства во формирање на ефективни институции и динамична економија со Македонија, порачал амбасадорот Шаер.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Ирска, Дерек Фили, претседателот Иванов изразил задоволство од стабилните политички односи базирани на взаемна почит, меѓусебно разбирање и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области меѓу двете земји и изрази благодарност за континуираната поддршка од Ирска која што и понатаму ќе биде значаен поттик за Република Македонија на патот кон нејзиното интегрирање во Европската унија.

- Истовремено, би сакал да го истакнам и своето убедување дека меѓу нашите две земји сѐ уште постои неискористен потенцијал и простор за натамошно продлабочување на соработката, и во таа насока, убеден сум дека Вашиот ангажман ќе биде од големо значење. Притоа, посебно би сакал да го потенцирам нашиот интерес за интензивирање на економската соработка, како и нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на меѓусебните односи, нагласил претседателот Иванов.

Амбасадорот Фили посочил дека Ирска ги цени постигнувањата на Република Македонија на економски план, и во наредниот период ќе се фокусира на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посакал успех во извршувањето на должноста, изразувајќи очекување дека нивните ангажмани ќе придонесат во унапредување на билатералните односи.