Истрагата за пожарот во Хонг Конг откри небезбедна мрежа на градилиште, уапсени 11 лица

Локалните власти на Хонг Конг денеска соопштија дека истрагата за смртоносниот пожар во кој загина најмалку 151 лице, а десетици се водат како исчезнати, покажува дека мрежата што ги покривала скелињата на зградите во реновирање не била во согласност со противпожарните стандарди.
Антикорупциската агенција уапси 11 лица, вклучително директори и инженерски консултант на градежната компанија.
Пожарот, кој избувна во средата минатата недела, а беше целосно изгаснат до петокот, почнал на долниот дел од мрежата околу една зграда во комплексот Ванг Фук Корт, за потоа брзо да се прошири во внатрешноста бидејќи полиуретанските плочи се запалиле и ги скршиле прозорците. Ветерот овозможил пламенот да се пренесе од зграда на зграда, така што седум од осум станбени кули биле зафатени од огнот.
Првите тестови на мрежата покажаа дека таа е во согласност со стандардите. Меѓутоа, последователно биле земени 20 примероци од различни катови и било утврдено дека седум од нив не ги исполнуваат безбедносните норми, што укажува дека изведувачите штеделе со цел да го зголемат профитот, рече шефот на администрацијата на Хонг Конг, Ерик Чан.
-Сакаа само да заработат на животите на луѓето – рече Чан.
Секретарот за безбедност, Крис Танг, наведе дека истражителите првично не можеле да пристапат до сите делови на објектот, што довело до нови наоди.
Во комплексот Ванг Фук Корт живееле околу 4.600 луѓе, а само една од осумте 31-катни кули го избегнала пожарот. Локалните власти ја проценуваат безбедноста на преостанатите згради, вклучувајќи ја и онаа каде што почнал пожарот и која претрпе најголема штета.
Владата на Хонг Конг обезбеди средства за обнова на домовите и долгорочна поддршка, додека преживеаните добија и парични субвенции за трошоци, вклучувајќи погреби, и помош при сместување.
МИА
Ново на Сител
-

Кога ќе бидат усвоени законите за правосудството?
-

Тема на денот со Сефер Селими, политички аналитичар
-

За 12 часа 65 000 прекршоци регистрираше Сејф Сити
-

Повеќе од 70 родители на ученици од „Димо Хаџи Димов“ преку петиција бараат гаранции за хигиената
-

Стигнаа предлозите од Мицкоски - Муртезани ќе се разреши, Сали - вицерпемиер, Хоџа министер за животна средина
-

Берлински процес и реформска агенда: Парламентот клучен, имплементацијата на реформи слаба
-

Пензионери на протест пред Уставниот суд
-

Околу 200.000 граѓани не добија поврат на ДДВ, УЈП вели парите ќе им бидат исплатени без да каже кога
