Македонија
23. January 2023 - 16:38

Истрагата трае - Османи пресуди: Им верувам на Христијан и неговата мајка

Иако бил фатен со кокаин, Христијан Пендиков немал мерки за обезбедување. Од обвинителството појаснуваат дека поради малата количина на дрога која била пронајдена кај него, обвинителите не побале ниту мерка притвр ниту одземање на патната исправа. Од овие причини немало пречки Пендиков да ја напушти државата без нивна дозвола.

Иако истрагата за нападот врз секретатор на бугаскиот центар во Охрид се уште трае, министерот Османи веќе пресуди. Во интервју за бугарската БТВ Османи вели дека за него е битно само тврдењето на Пендиков и неговото семејство дека причина за нападот е етничката припадност, без разлика дали истрагата ќе утврди други околности.

„Мене ми е важно тоа што го кажува самиот Христијан и мајката на оштететниот, а тоа е дека е поради изразување на етничка припадност, и покрај тоа што еве сторителите кажуваат обратно, дека имале претходно некакви си разлики“, рече Османи во интервјуто.

Во обид да ги смири тензиите Османи вели провокациите треба да запрат и од двете страни. Бугарите во земјава може да отвораат културни центри, но имињата да не бидат навредливи за македонските граѓани.

„Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори што повеќе клубови, меѓутоа не треба да ги повредуваат чувствата на останатите граѓани. Очигледно имињата кои беа избрани, без разлика на нивното научно толкување, се провокација за мнозинството и тоа е доволно. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од тоа, треба да ја разбереме оваа чувствителност и верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница“, порача министерот.

Четири дена по инцидентот осуда пристигна и од премиерот Ковачевски. Според него овој инцидент е класична провокација која треба да го одвлече вниманието од европската иднина на државата.

„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар, или МЗТ и Работнички. Ова е нашата иднина“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Бугарија привремено го повлече и амбасадорот од земјава. Бугарското МНР соопшти дека амбасадорот Ангелов е повикан на консултации во Софија поради како што велат сериозната состојба со правата на Бугарите во Македонија.