Македонија
16. December 2020 - 17:04

Историчарите сеуште заглавени на придавката македонски

Записниците од последните две средби на мешовитата историска комисија и натаму остануваат без потпис. Онлајн состанокот на кој требаше да се расчисти судирот околу придавката “македонски” остана само на најава. Бугарската страна инсистира придавката да биде отстранета од записниците, тврдејќи дека тоа не е во согласност со праксата.

Според претседателот на македонскиот дел од Комисијата Драги Ѓоргиев, виртуелна средба не е одржана, но разменети се неколку варијанти за решавање на овој проблем по електронски пат.

Потврда дека онлајн состанок не е одржан како што беше најавено има и од бугарската страна. Велат дека една недела чекаат одговор од македонските колеги.

Во интервју за ДВ, Ѓоргиев точно ги посочува негодувањата на историчарите од Бугарија.

“Така, кога станува збор за тела и органи основани од државата, како што е нашата Комисија, повикувајќи се на Преспанскиот договор, тие не ги прифаќаат формулациите „македонските колеги од Комисијата“, туку „колегите од Комисијата на РСМ“. Или, во однос на учебниците кои се финансирани од државата, наместо „македонски учебници“ се инсистира на „учебници на РСМ“, и слично. Од друга страна, пак, во однос на македонскиот јазик го игнорираат Преспанскиот договор, и се повикуваат на Договорот од 1999 година каде тој е „македонски јазик во согласност со Уставот“ или „официјален јазик на РСМ“, вели Ѓоргиев.

Покрај овој проблем, професорот открива дека различното толкување на терминот “заедничка историја” е главниот проблем во работата на Комисијата.

Бугарија под овој термин подразбира историја на еден народ, односно на бугарскиот, почнувајќи од 19-от век па се до 1944 година, што според Ѓоргиев е неприфатливо и неодржливо.

Во меѓувреме, придавката македонски стана пречка за уште еден договор – оној со Фронтекс. Бугарија го блокира потпишувањето поради референцата “македонски јазик”, со што се спречува присуството на европска полиција на нашата граница, во борба против нелегалната миграција.