Македонија
16. May 2017 - 8:51

Истече мандатот на локалните власти

Градоначалниците на општините во Македонија од денеска ќе работат без мандат. 

Новите локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но поради тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.

Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа вчера упатија  барање до политичките партии во Собранието за поскоро донесување закони за нивно функционирање до следните избори.

- Со оглед на тоа што има различни толкувања од професори или институции за тоа дали градоначалниците можат да продолжат да функционираат или не, ние како ЗЕЛС за да бидеме сигурни и да нема подделеност, бараме од Парламентот што побргу да се состане и да ги донесе измените на законот за избори и законот за локална самоуправа со што ќе се распишат следните локални избори, изјави вчера Коце Трајановск, претседател на ЗЕЛС.

Во име на, како што рече, сите загрижени градоначалници, Трајановски го поздрави договорот помеѓу политичките партии за одредување на датумот на локалните избори.

Според Трајановски, секој поминат ден без решение и нанесува голема штета на локалната власт. Потсети дека во овој правен вакум ќе бидат доведени во прашање функционирањето на градинките, основните и средните училишта, културните институции, противпожарната бригада и администрацијата кои зависат од блок дотации.

- Ќе бидат доведени во прашање голем број јавни претпријатија кои добиваат субвенции од општините. Ќе неможат да се  добијат градежни дозволи. Доколку имате стан, куќа или друг недвижен имот нема да можете да ги продадете бидејќи треба да се направи проценка во општаните и да се плати данок на промет, а решението на данок на промет го потпишува градоначалникот, рече Трајановски. 

И Министерството за локална самоуправа вчера упати апел до парламентарните политички партии и до сите надлежни институции, пред се до Собранието на Македонија, итно да се најде начин за деблокирање на работата на органите на општините и на Град Скопје преку законско продолжување на мандатите на градоначалниците и на членовите на советите до одржувањето на локалните избори.

- Шест месеци по одржувањето на парламентарните избори во Република Македонија, политичката криза сериозно се заканува со целосна парализа на локалната самоуправа. Од утре градоначалниците и советите на општините и на Градот Скопје се без правно дефиниран статус, а граѓаните се оставени во недоумица дали ќе можат да ги остварат своите права пред органите на единиците на локалната самоуправа, преку постапки кои што веќе ги имаат започнато или пак имаат итна потреба од тоа. Локалната администрација и сите јавни служби на локално ниво се загрижени за своите плати, но и за начинот како во наредниот период ќе продолжат да ги извршуваат своите работни задачи заради непрекинато, континуирано сервисирање на граѓаните, се наведува во апелот потпишан од министерката за локална самоуправа Ширет Елези.

Парламентарните партии кои вчера беа на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери се договориле дека исклучителен приоритет за Македонија е постигнување договор за донесување Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците, соопшти кабинетот на Џафери. 

На координацијата присуствуваа претставници на СДСМ и коалицијата, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА, а ВМРО-ДПМНЕ како што и претходно најави немаше претставник на состанокот.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека за нив почетокот на јули е најповолниот датум за одржување на локалните избори, но оти се подготвени за избори и во октомври. Од партијата сметаат дека најдобро за државата и за граѓаните ќе биде заедно со локалните да се одржат и нови парламентарни избори. 

На 10 мај Уставниот суд на Република Македонија едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон, со што ќе се овозможеше градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори. Уставните судии одлучија дека Судот не е надлежен да одлучува за правни сиутуации кои не постојат, бидејќи тоа е во исклучива надлежност на закондавецот, односно Собранието на Република Македонија.