Македонија
18. September 2019 - 8:18

Исполнети сите услови, на ред е ЕУ

 Во Брисел не постои сомнеж во однос на политичката обврска на Северна Македонија кон владеењето на правото и борбата против корупцијата, порача вчера во Скопје претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и рече дека во последните две години сме направиле сè што се очекувало од нас за да може да се почнат преговорите за пристап во ЕУ. Премиерот Зоран Заев, пак, увери дека обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат, особено во областа на владеењето на правото, како и дека случајот „Рекет“ е силен тест за судството и за успех на реформите.

– Напорите на земјата беа извонредни во последните години. Заедно издржавме една од најтешките миграциски кризи. Северна Македонија го помина овој тест подобро од многу членки на ЕУ. Најдовте решение на драматичните политички кризи во вашата земја. Преку вашите договори со Бугарија и со Грција вие станавте шампиони на политичката зрелост во регионот. Тоа е импресивно и меѓународно признато постигнување, што не треба да биде занемарено од лидерите на ЕУ, рече Туск.

Порача да продолжат реформите, дека ќе биде потребно многу трпение, но оти нема сомнеж дека земјата има квалитети да го направи тоа.

Премиерот Зоран Заев по средбата со Туск рече дека наша заедничка желба е во периодот до следната седница на Европскиот совет, заедничкото пријателство да се круниса со заеднички успех во октомври бидејќи, според него, тоа е заеднички интерес и на Северна Македонија и на ЕУ.

Заев е убеден дека земјата е подготвена да ги совлада предизвиците што доаѓаат со отворањето на преговорите. Тој очекува на состанокот на Советот на ЕУ на 15 октомври со кој ќе претседава Туск да биде донесена одлука за почеток на преговорите без одложување.

– Со започнувањето на преговорите влегуваме во трасформациско патување кон членство во ЕУ. Тоа е незаменлива алатка, која генерира успешни приказни во земјите кандидати, кажа Заев на заедничката прес-конференција со Доналд Туск.

Премиерот нагласи дека обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со европските вредности и стандарди.

– Во тие рамки ја гледаме и дебатата и за законот за јавно обвинителство. Случајот „Рекет“ е силен тест за судството и за успех на реформите. Институционалното разрешување на овој и на сите случаи ќе ги докаже независноста на правосудниот систем и јаката политичка волја против корупцијата. Тоа е европскиот начин и начин на правната држава и владеење на правото, потенцира Заев.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, пак, на средбата со Туск изразил очекување дека Европскиот совет во октомври ќе ги валоризира напорите на државата и ќе ја верификува десеттата препорака на Европската комисија преку одредување датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Почетокот на пристапните преговори, според претседателот Пендаровски, ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во Унијата, што ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот.

За старт на преговорите со ЕУ вчера преку Партијата на европските социјалисти поддршка дадоа и социјалистите во Европскиот парламент.

Претседателот на ПЕС и поранешен премиер на Бугарија, Сергеј Станишев, на средбата со вицепремиерката Радмила Шекеринска порача дека нашите граѓани заслужуваат подобар живот и дека го охрабрува премиерот Заев да продолжи со позитивните внатрешни реформи, за социјално подобрување, за повисоки плати, за владеење на правото, за ред и закон и никој да не биде над законот.

Земјава, според него, е многу добар пример и за другите во регионот за тоа како треба да се решаваат проблемите.