Свет
29. February 2016 - 17:50

Ирската владејачка коалиција го загуби мнозинството во Парламентот

Партиите на ирската владејачка коалиција добија најмногу гласови на парламентарните избори одржани во петокот, но го загубија мнозинството во Парламентот, покажуваат денеска објавените нецелосни резултати од гласањето.

Како што јавија британските медиуми, ваквите резултати оставаат можност за различни коалициски комбинаторики, но не е исклучена ниту варијантата за формирање преодна влада која ќе спорведе предвремени избори.  

Врз основа на досега пресметаните резултати од сложениот изборен модел во Ирска, распределени се 148 од вкупно 158-те места во Паралментот, од кои најголем број или 47 пратеници освои центристичката Обединета ирска партија (Фина Гејл). Досега партијата имаше 76 пратеници.

Нејзиниот помал коалициски партнер, Лабуристичката партија освои само шест мандати, што е значително помалку во споредба со изборите во 2011 година, кога беа избрани 37 пратеници лабуристи.  

Втора по големина е конзервативната Републиканска партија (Фина Фојл), која досега освои 43 пратеници или повќе од двојно во споредба со 20-те во 2011 година.

Значителен пораст на популарноста забележа и сеирската левичарска националистичка партија Шин Фејн, која на петочните избори освои 22 пратници или осум повеќе од досега.

Распределбата на 10-те преостанати мандати не се очекува да донесе значително поместувањр во соодносот на силите во новиот Парламент.

По објавувањето на ваквите резултати и Фина Гејл на премиерот Енда Кени и Фина Фојл најавија дека ќе се обидат да формираат свои влади. Пред изборите и двете партии ја отфрлија можноста за формирање т.н. голема коалиција меѓу нив.

Аналитичарите оценуваат дека шансите за самостојно форимирање на нова влада на една од двете водечки партии се минимилани и дека на крајот ќе бидат принудени на соработка.

Крајниот рок за постигнување договор за формирање нова влада е 10 март, за кога е најавена конститутивната седница на новоизбраниот Парламент.