Македонија
23. November 2015 - 14:29

ИОМ: Над 800 илјади лица годишно се предмет на трговија со луѓе

Зајакнување и ефикасна национална и регионална соработка на сите нивоа, усогласување на законодавните рамки, спроведување редовни состаноци меѓу агенции од различни земји и зголемување на човечките ресурси, опрема и технички средства, се дел од препораките за спречување и справување со трговијата со луѓе, криумчарење мигранти и други прекугранични криминали идентификувани во финалниот извештај на проектот „Зајканување на борбата против трговијата со луѓе и криумчарење мигранти во Западен Балкан“.

Шефицата на канцеларија на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во Скопје Соња Божиновска, истакна дека постојат индикации дека во светот повеќе од 800 илјади лица на годишно ниво се предмет на трговија со луѓе во моментот кога ги минуваат меѓународните граници, а уште повеќе се предмет на трговија со луѓе внатре во своите земји.

Други индикации, продолжи Божиновска, укажуваат на тоа дека профитите што ги заработуваат трговците со луѓе, како и криумчарите на мигранти се повеќе од 32 милијарди долари на годишно ниво.

Заменик министерот за правда Билјана Бришкоска - Бошковски, нагласи дека во рамки на реформата на целокупниот правен систем Владата особено внимание посветува на осовременувањето на системот на кривичната правда, проследен со спроведување и креирање на политика непосредно поврзана со јакнење на владеењето на правото, како и гарантирањето на слободите и правата на граѓаните и обезбедување на стабилност и ефикасност на демократските институции.

Последните години, посочи Бришкоска - Бошковски, во Македонија се преземени повеќе реформски активности во сферата на казненото право, како примената на новиот закон за кривична постапка и законот за меѓународна соработка во кривична материја во делот на зголемувањето на ефикасноста на институциите во рамките на кривичната постапка, вклучително и од аспект на кривичните дела поврзани со трговија со луѓе и криумчарење на мигранти.

Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Масимино Белели на презентацијата на финалниот извештај, проектот го оцени како навремен, иако тој не бил предвиден во време на криза и безбедносен и хуманитарен притисок како сега.

- Проблемот со миграцијата што на почетокот изгледаше како кратка криза се претвори во долготрајна состојба на криза. Што значи дека треба да се подготви и внатрешниот систем од правен агол, како и од безбедносен и хуманитарен и социјален аспект. Проблемот со мигрантите првенствено е хуманитарен, а безбедноста секако е важна точка бидејќи секоја земја треба да се заштити, истакна Белели.

Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Зајканување на борбата против трговијата со луѓе и криумчарење мигранти во Западен Балкан“ финансиран од Развојниот фонд на ИОМ и владата на Италија. Во текот на регионалнот проект се спроведени повеќе технички работилници наменети за органите за спроведување на законот, јавни обвинители и судии од земјите на Западен Балкан, како и партнерите од ФРОНТЕКС, ЕУРОПОЛ, ЕУРОЏАС и италијанскиот Национален директорат за справување со организиран криминал.