Македонија
11. јуни 2019 - 14:27

Инженерискиот баталјон ќе добие 15 нови машини, за три ќе следи повторување на постапката за набавка

Инженерискиот баталјон на Армијата ќе добие 15 неопходни инженериски машини за кои веќе се потпишани договори за набавка во вредност од 138 милиони денари, а наскоро ќе биде објавен и повик за набавка на уште три машини, информира министерката за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета на касарната Илинден.

-Минатата година после подолги консултации и постапки успеавме да потпишеме договори со кои нашата армија ќе добие нови 15 инженериски машини во вредност од 138 милиони денари. Очекуваме дека најголемиот дел од машините ќе бидат испорачани во период покус од шест месеци, но еден дел од нив ќе бидат испорачани во првиот дел од 2020 година кога практично ќе исплатиме еден дел од средствата, изјави Шекеринска.

При посетата на инженерискиот баталјон во касарната Илинден, како што рече, добила дополнителни информации колку треба да се вложува во овој дел на Армијата.

-Ова е прва инвестиција во инженериски машини во Армијата после 16 години. Тоа покажува дека процесот на модернизација и опремување на Армијата е започнат, но дека тој не се однесува само на воените елементи, туку и на инженерискиот дел кој е важен и за војската, но и како поддршка на граѓаните, државата и општините. Во изминативе години Армијата помагаше со својот инженериски баталјон во ситуации на поплави, елементарни катастрофи, а неколку пати успеваше да поправи мостови и да изврши експлозии кај карпите кои се закануваа на локалното население како што беше во тетовскиот и скопскиот регион, рече Шекеринска.

Инженерците, потенцира, може да направат чудо, но без машини и опрема тоа чудо ќе биде многу помало.

-Ова беше првиот процес на модернизација и задоволство ми е што речиси по цела година успеавме да дојдеме до договори со кои инженерскиот баталјон ќе ги добие неопходните 15 машини, а за уште три ќе ги повториме набавките, бедејќи немаше понуда. Ова покажува дека нашето членство во НАТО ќе влијае на нашата стабилност во делот на политички и безбедносни ризици, но ќе влијае и врз нашата безбедност како граѓани и во цивилна смисла, посочи Шекеринска.